Судењето за случајот со нападот врз Сара Ѓорѓиеска е закажано за 27 ноември, а Обвинителството, покрај медицинската документација и досега собраните докази, располага и со видеоснимки поврзани со настаните за кои е обвинет Кристијан Корабоски.
Според информациите објавени од „Вечер“, меѓу дополнителните докази што ги обезбедила полицијата има и видеоматеријали од случувањата што му се ставаат на товар на обвинетиот. Овие снимки ќе бидат дел од доказниот материјал во постапката.
На Корабоски му е определен 30-дневен притвор, откако Обвинителството поднесе обвинение за три кривични дела – телесна повреда, противправно лишување од слобода и загрозување на сигурноста.
Обвинението за противправно лишување од слобода се однесува на настанот во автомобилот, кога Сара, според наводите во предметот, барала да биде пуштена да излезе, но обвинетиот одбил и продолжил да вози со голема брзина.
Во меѓувреме, Сара е отпуштена од болницата „Св. Еразмо“ во Охрид, но нејзиното лекување и испитувања продолжуваат во клиника во Скопје, каде што треба да се утврди нејзината целосна здравствена состојба.
Според првичните информации од охридската болница, таа имала повеќе повреди, хематоми и модринки.
Случајот предизвика и проверки во врска со постапувањето на полицијата. Директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, најави дека ќе бидат испитани евентуалните пропусти во работата на полициските службеници при постапувањето во овој случај.




