Татко и неговите двајца синови се уапсени под сомнение дека брутално го убиле Александар Лазиќ од Стара Пазова. Вишиот суд во Сремска Митровица им одреди притвор до 30 дена на таткото Петар Ј. и неговиот полнолетен син Павле Ј., како и на другиот син кој е малолетник на 16-годишна возраст.
Мерката притвор за малолетникот е одредена поради опасност од влијание врз сведоци, но и поради големото вознемирување на јавноста по откривањето на ова свирепо убиство.
Го мачеле со денови, па го криеле телото
Случајот бил откриен откако припадниците на полицијата постапувале по претходно поднесена пријава за исчезнато лице.
Со оперативна работа на терен, истражителите утврдиле дека во првата половина на април, осомничените со денови физички го малтретирале и злоставувале несреќниот човек во изнајмен стан во Рума. Како последица на тешките повреди, тој починал.
За да го прикријат грозоморното дело, таткото и синовите го пренеле неговото тело во нивната семејна куќа која повремено ја користеле. По неколку дена, тие го закопале безживотното тело во дворот од куќата.
Полицијата го пронашла телото во фаза на распаѓање
Полицијата, во соработка со обвинител од Високото јавно обвинителство во Сремска Митровица, извршила детален увид на локацијата. При претресот на дворот, пронајдено е закопаното тело на убиениот маж, кое веќе било во поодмината фаза на распаѓање.
По наредба на јавниот обвинител, телото е пренесено на Институтот за судска медицина во Нови Сад, каде што ќе се изврши обдукција за да се утврдат точните причини за смртта и сите здобиени повреди. Истрагата за овој случај продолжува.







