ПРВ.мк
Црна Хроника

НОВ ПРЕСВРТ: Шокантни пораки во случајот „Пулс“

НОВ ПРЕСВРТ: Шокантни пораки во случајот „Пулс“

На денешното рочиште во Кривичниот суд во Скопје, во рамки на судскиот процес за трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани, Обвинителството презентираше нови докази од мобилните телефони на првообвинетиот Дејан Јованов – Деко и неговиот син Михајло Јованов, кој исто така е опфатен со обвинението.

Според презентираните телефонски комуникации, Михајло во една порака го известува својот татко за полициска контрола во дискотеката, насочена кон присуството на малолетни лица. Како доказ беше прочитан и одговорот на Дејан Јованов, во кој се наведува: „Во ред, нека бидат присутни, многу ги има малолетници, ние, секако, фирмата ќе ја однесеме во стечај“.

Покрај тоа, Обвинителството пред судот приложи и комуникации поврзани со најави за инспекциски контроли од страна на Управата за јавни приходи. Според изнесените докази, овие пораки се однесуваат на инспектори кои во моментов се предмет на истрага, но за нив сè уште нема поднесено обвинение.

Обвинителството наведе дека вакви телефонски комуникации биле евидентирани во периодот од 2020 до 2025 година. Судската постапка продолжува со изведување на дополнителни докази и сослушување на сведоци, по што судот ќе ги оценува сите презентирани материјали во понатамошниот тек на процесот.