Во центарот на Белград, на платото пред Филозофскиот факултет, вечерва е пронајдено безживотно тело на девојка на возраст од околу 25 години, а првичните информации укажуваат на сериозен и вознемирувачки инцидент што му претходел на трагичниот настан.
Началникот на Полициската станица Стари Град, Раденко Ресановиќ, изјави дека полицијата добила пријава околу 22:40 часот, по што службениците веднаш излегле на терен. На лице место затекнале женско лице без знаци на живот.
Според првичните сознанија и изјавите на очевидци, на петтиот кат од Филозофскиот факултет дошло до активирање и запалување на пиротехнички средства. По тој настан, како што се сомнева, девојката – која најверојатно била студентка – скокнала низ прозорецот.
За случајот веднаш било известено надлежното обвинителство, кое наложило да се изврши увид. Во моментот, истражните екипи се на терен и работат на целосно документирање на настанот, собирање докази и изјави од сведоци.
Пиротехничките средства што биле активирани во објектот, по одредено време биле изгаснати од страна на вработените на факултетот, но засега не е познато како тие завршиле внатре.
Од полицијата нагласуваат дека ваквото несоодветно и незаконско користење на пиротехнички средства претставува сериозна опасност за животот и безбедноста на луѓето, и може да доведе до трагични последици, како што покажува и овој случај.



















