Венецуелската манекенка и носителка на титулата „Мис Гранд Орландо 2025“, Скарлет Родригез, е пронајдена мртва заедно со своето момче Хозе Кастро, неколку дена по разорниот земјотрес што ја погоди Венецуела на 24 јуни.
Според странските медиуми, двајцата биле затрупани под урнатините на станбената зграда во која живееле во крајбрежниот град Катја Ла Мар, во сојузната држава Ла Гваира.
По неколкудневна неизвесност и интензивна потрага, спасувачките екипи ги пронашле нивните тела под урнатините. Тажната вест подоцна била потврдена од членовите на семејството, кои соопштиле дека Скарлет и Хозе биле пронајдени еден покрај друг.
Во емотивна порака, семејството изразило благодарност до сите кои учествувале во потрагата и ја споделувале информацијата за нивното исчезнување, нагласувајќи дека до крај биле заедно.
Семејството покренало и кампања за собирање средства со цел да се покријат трошоците за спасувачката операција и погребот.
Скарлет Родригез имала 23 години и неодамна ја освои титулата „Мис Гранд Орландо 2025“, со што започнала да стекнува поголема меѓународна популарност во светот на изборите за убавина.
Иако не успеала да ја освои титулата „Мис Гранд Флорида“, таа продолжила да ја гради својата кариера и била препознатлива по својата активност на сцената на натпреварите за убавина.
По објавувањето на трагичната вест, организациите „Мис Гранд Флорида“ и „Мис Гранд Интернешнл“ ѝ оддале почит, истакнувајќи дека ќе биде запаметена по својата добрина, достоинство и посветеност кон луѓето околу себе.







