ПРВ.мк
Црна Хроника

СЛУЧАЈОТ СО ФАЛСИФИКУВАНИТЕ ДОЗВОЛИ СЕ ШИРИ: Обвинение поднесено, уште 21 лице под лупа - еве како функционирале!

СЛУЧАЈОТ СО ФАЛСИФИКУВАНИТЕ ДОЗВОЛИ СЕ ШИРИ: Обвинение поднесено, уште 21 лице под лупа - еве како функционирале!

Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинителен предлог против шест лица, кои се товарат за продолжени кривични дела „фалсификување исправа“, согласно член 378 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

Како првообвинета е опфатена вработена во Министерството за внатрешни работи, која била ангажирана како помлад советник за патни исправи во Одделението за управни работи – Скопје.

Според обвинението, во периодот од 3 септември 2020 до 24 август 2026 година, таа во повеќе наврати ги користела своите службени шифри за да изврши измени во возачки дозволи, при што внесувала дополнителни категории за кои лицата немале положено соодветни испити.

Останатите петмина обвинети се возачи кои, иако знаеле дека не ги исполнуваат условите односно немале положено испити за категориите Ц и Д, во договор со првообвинетата поднесувале барања за издавање или измена на возачки дозволи. Во документите потоа биле внесувани дополнителни категории.

Според обвинителството, така изменетите и фалсификувани исправи биле користени за аплицирање и добивање сертификати за професионална компетентност на возач, неопходни за учество во меѓународен превоз на патници и стока.

Со добиените документи, обвинетите во повеќе наврати управувале автобуси и товарни возила во меѓународниот сообраќај, иако според наводите во обвинението немале положено соодветни испити за внесените категории.

За тројца од обвинетите, меѓу кои и вработената во МВР, јавниот обвинител побарал продолжување на претходно определената мерка притвор.

За останатите тројца обвинети, кои во моментов се недостапни за органите на прогонот, предложено е да им биде определен притвор веднаш откако ќе бидат пронајдени. Постапката против нив ќе продолжи во нивно отсуство.

Во истиот предмет, обвинителството продолжува со обезбедување докази и против уште 21 лице. Тие се осомничени дека биле посредници или корисници на фалсификуваните возачки дозволи.

Од Основното јавно обвинителство Скопје информираат дека продолжуваат и активностите за истражување на евентуални други злоупотреби поврзани со случајот.