Охридската полиција поднесе кривична пријава против 53-годишниот Ж.Г. од тетовското село Брвеница, осомничен за убиството на 76-годишниот Климе Митрески од Охрид. Делото е квалификувано како „Убиство“ според член 123 од Кривичниот законик, а Основното јавно обвинителство Охрид веќе издаде наредба за спроведување истражна постапка.
Според информациите од Обвинителството, злосторството било извршено на 25 март во домот на жртвата, а мотивот бил користољубие. Осомничениот имал склучено договор за доживотна издршка со Митрески во февруари 2025 година и реагирал насилно кога дознал дека оштетениот презема чекори за раскинување на договорот, со што би останал без имотот што требало да го наследи.
По вербална расправија, осомничениот го нападнал Митрески од зад грб, го соборил на подот и повеќепати го удрил во пределот на главата. Потоа со рака му го затворил носот и устата, предизвикувајќи задушување. Откако се уверил дека жртвата не дава знаци на живот, го напуштил местото на настанот.
Клучните докази се обезбедени преку видеонадзор во куќата на жртвата и од други локации кои го следеле движењето на осомничениот. Исто така, постојат индиции за обиди за прикривање на трагите по извршувањето на делото.
Поради сериозноста на кривичното дело, за кое е предвидена казна затвор од најмалку 10 години или доживотен затвор, јавниот обвинител побара мерка притвор, наведувајќи опасност од бегство, можност за влијание врз сведоци и уништување на докази.
По распишана централна потерница, осомничениот бил пронајден и уапсен на 26 март во селото Брвеница од страна на полициски службеници од СВР Тетово. На местото на настанот бил извршен увид од јавен обвинител и полициски екипи, а лекар од Итната медицинска помош констатирал смрт. Телото на починатиот е предадено на обдукција по наредба на обвинител.
Според полицијата, против осомничениот претходно била поднесена кривична пријава за говор на омраза на социјалните мрежи, случај кој бил решен од надлежните институции.



















