Триесет и петгодишен жител на Штип со тешки телесни повреди бил пренесен во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје, а полицијата го истражува случајот по различните информации за тоа како настанале повредите.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, на 21 септември во 10 часот во СВР Скопје било пријавено дека во комплексот клиники бил донесен Р.Ј. (35) од Штип со тешки телесни повреди.
Таткото на повредениот пријавил дека на 16 септември бил известен од јавна здравствена установа во гевгелиско, каде што неговиот син бил на лекување, дека 35-годишникот паднал од кревет и на тој начин се повредил.
Сепак, самиот пациент дал поинаква верзија за настанот. Тој пријавил дека додека престојувал во здравствената установа бил физички нападнат од болничар.
Од МВР информираат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот и утврдување на околностите под кои мажот ги добил тешките повреди.










