ПРВ.мк
Црна Хроника

ШОКАНТНИ ДЕТАЛИ ОД СУДЕЊЕТО ВО КУМАНОВО: Обвинителот тврди дека откриен е мотивот зад серијата убиства, обвинетиот не признава вина!

ШОКАНТНИ ДЕТАЛИ ОД СУДЕЊЕТО ВО КУМАНОВО: Обвинителот тврди дека откриен е мотивот зад серијата убиства, обвинетиот не признава вина!

Во Основниот суд во Куманово започна судењето против Трајко Бојковски (25), обвинет за серија тешки кривични дела во кумановскиот регион, меѓу кои четири убиства и две убиства во обид. Случајот предизвика големо внимание во јавноста поради тежината на обвиненијата и начинот на кој, според обвинителството, биле извршени делата.

На почетокот на рочиштето, Бојковски пред судот се однесувал невообичаено. Според информациите од судницата, тој првично не одговорил на прашањата на судијата за неговиот идентитет и не воспоставил контакт со него, по што била дадена кратка пауза. По паузата, обвинетиот го потврдил својот идентитет.

Неговиот бранител објаснил дека реакцијата на почетокот била поврзана со присуството на голем број луѓе и камери во судницата, што, според него, предизвикало дополнителна напнатост кај обвинетиот.

Обвинителот Љубомир Лапе во воведниот говор истакна дека Јавното обвинителство се соочило со исклучително сложен предмет, каков што, според него, досега немало во македонската и поранешната југословенска судска практика.

Тој посочи дека обвинителството ќе се обиде да докаже дека Бојковски со умисла и од, како што наведе, ниски побуди ги извршил делата за кои се товари.

„Ќе бидат изведени голем број докази со кои ќе се утврдат сите релевантни факти и околности поврзани со случајот“, истакна обвинителот.

Според обвинителството, преку записниците од увидите, ексхумациите, обдукциските наоди и ДНК анализите ќе се утврдуваат начинот на извршување на делата, како и поврзаноста на обвинетиот со случаите.

Обвинителот Лапе во судницата изнесе тврдење дека судско-психијатриското вештачење, заедно со останатите докази, треба да ги покаже мотивите кои, според обвинението, стоеле зад постапките на Бојковски.

Тој наведе дека обвинителството смета оти посебен мотив во случајот претставувала некрофилијата, односно сексуална привлечност кон мртви тела, и дека таа била клучен елемент во извршувањето на делата.

Во текот на постапката треба да бидат презентирани и искази од преживеаните жртви од делата за кои обвинителството тврди дека станува збор за обиди за убиство, како и други материјални докази.

Семејствата на четирите жени кои според обвинението биле убиени, се приклучиле кон кривичниот прогон што го води Јавното обвинителство.

Интересен момент од почетокот на судењето е тоа што адвокатот на обвинетиот, Драган Трајковиќ, претходно најавил дека неговиот клиент ќе ја признае вината за сите дела. Сепак, кога дошол моментот за изјаснување пред судот, Бојковски изјавил дека не се чувствува виновен.

Судскиот процес продолжува, а во следниот период треба да бидат изведени доказите врз основа на кои ќе се утврдуваат сите околности поврзани со случајот.

Најнови вести