Со почетокот на летната сезона, многумина повторно ги користат кремите за сончање што им останале од минатото лето. Сепак, дерматолозите предупредуваат дека не секој производ е безбеден за повторна употреба, бидејќи со текот на времето може да ја изгуби својата ефикасност.
Според препораките на американската Администрација за храна и лекови (FDA) и дерматолозите, најважно е да се провери рокот на употреба, како и начинот на кој кремата била чувана.
Доколку производот сè уште е во рок и бил складиран на ладно и суво место, без подолго изложување на сонце или високи температури, во повеќето случаи може безбедно да се користи и ова лето.
Ако на пакувањето не е наведен рок на употреба, експертите препорачуваат кремата да се користи најмногу три години од датумот на купување, под услов правилно да била чувана.
Од друга страна, ако рокот е истечен, дерматолозите советуваат производот да не се користи. Со текот на времето активните состојки што ја обезбедуваат заштитата од УВ-зраците постепено се разградуваат, поради што кремата може значително да ја намали својата заштитна моќ.
Освен рокот, важно е да се обрне внимание и на изгледот на производот. Ако кремата ја променила бојата, мирисот, текстурата или се раздвоила на слоеви, тоа е знак дека повеќе не е погодна за употреба и треба да се фрли.
Дерматолозите дополнително предупредуваат дека кремите за сончање не треба да се оставаат во автомобил, на плажа или изложени на директна сончева светлина, бидејќи високите температури можат да ја намалат нивната ефикасност дури и пред истекот на рокот.
Редовната и правилна употреба на крема со соодветен заштитен фактор е еден од најважните начини за заштита на кожата од изгореници, предвремено стареење и штетното влијание на ултравиолетовите зраци. Затоа, ако имате каков било сомнеж во исправноста на кремата што ја користите, експертите советуваат да набавите нов производ и да не ризикувате со заштитата на кожата.








