Дваесет и четиригодишен жител на скопско село во општина Петровец е приведен под сомнение дека ја повредил својата мајка, откако со автомобил ја влечел неколку десетици метри.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, инцидентот се случил на 25 јули околу 18:50 часот.
Осомничениот управувал патничко возило „Фиат“ со скопски регистарски ознаки, кога преку отворениот прозорец ја фатил својата 42-годишна мајка и ја влечел околу 20 метри. По настанот, го напуштил местото.
Жената се здобила со повреди и била пренесена во Градската општа болница „Св. Наум Охридски“, каде што ѝ била укажана лекарска помош.
Полициски службеници од СВР Скопје го привеле осомничениот Р.Д. (24) истиот ден околу 20:30 часот.
Од МВР информираат дека по целосното документирање на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.








