ПРВ.мк
Топ Вести

НОВИ ШОКАНТНИ ИСКАЗИ ОД ГОСТИВАР: Со денови се молчело за проблемот со водата за пиење - еве кога бил првиот случај!

НОВИ ШОКАНТНИ ИСКАЗИ ОД ГОСТИВАР: Со денови се молчело за проблемот со водата за пиење - еве кога бил првиот случај!

Граѓаните на Гостивар со денови барале медицинска помош поради стомачни тегоби, дијареа и повраќање, но епидемијата официјално била прогласена дури пет дена откако почнал масовниот прилив на пациенти.

Според податоците од Министерството за здравство, првите случаи на заболени лица биле регистрирани уште на 14 јули, кога во здравствените установи во Гостивар се јавиле стотици граѓани со исти симптоми.

Само тој ден, во Општата болница во Гостивар биле прегледани 164 пациенти, додека во Здравствениот дом помош побарале уште 160 лица. Тоа значи дека за само 24 часа медицинска помош побарале вкупно 324 граѓани.

Бројот на заболени продолжил да расте и во следните денови. На 15 јули биле евидентирани 456 пациенти, само два дена пред Агенцијата за храна и ветеринарство официјално да ја забрани употребата на водата за пиење и техничка употреба.

Министерот за здравство Сашо Клековски потврди дека две земени мостри покажале отстапувања и укажале дека водата не е исправна. И покрај тоа, според информациите, граѓаните не биле навремено информирани за потенцијалната опасност.

Приливот на пациенти продолжил и во наредните денови. На 16 јули биле регистрирани 381 преглед, а на 17 јули бројката достигнала 572 лица кои побарале лекарска помош.

Истиот ден обвинителството започнало предистражна постапка, а биле земени дополнителни примероци од водоводната мрежа по сомневањата дека загадувањето било поврзано со фекални материи.

Најголем број заболени бил забележан на 18 јули, кога во здравствените установи биле прегледани 649 лица во период од само 24 часа. Намалување на бројот на нови случаи започнало откако била воведена забраната за користење на водата.

Досега во Гостивар се регистрирани вкупно 4.070 случаи на лица со симптоми, а епидемиолошка анкета е спроведена кај 523 граѓани.

Во последното деноноќие биле евидентирани уште 125 нови прегледи, а едно дете поради здравствената состојба било хоспитализирано во болница.

Најнови вести