Полицијата во изминатите денови привела три лица од подрачјето на Гостивар и Тетово по пријави за физичко, психичко и семејно насилство. Во сите три случаи се преземаат мерки за целосно расчистување на настаните.
45-годишник ја нападнал својата снаа во семејниот двор
На 15 август во 16:30 часот, полициски службеници од ПО Камењане го лишиле од слобода Ј.Н. (45) од село Боговиње, поради сомнение дека истиот ден во дворот од семејната куќа физички ја нападнал својата 34-годишна снаа.
Жената се здобила со телесни повреди, кои биле констатирани во Клиничката болница во Тетово.
45-годишникот бил задржан во полициска станица за понатамошна постапка, а по целосното документирање на случајот против него ќе биде поднесен соодветен поднесок.
Влегол во домот на девојката, ѝ го искршил телефонот, па ја нападнал
Истиот ден, во 23:20 часот, полициски службеници од ПС Гостивар го лишиле од слобода И.Д. (37) од Гостивар.
Според пријавеното, тој влегол во домот на својата 32-годишна девојка, најпрво вербално ја нападнал, а потоа ѝ го одзел и го искршил мобилниот телефон.
Набргу потоа, пред зградата, физички ја нападнал и ѝ нанел телесни повреди. Повредите биле констатирани во Ургентниот центар во Гостивар.
И.Д. бил задржан во полициска станица, а по документирањето на случајот против него ќе следува соодветен поднесок.
Пријавено и долготрајно малтретирање на сопруга и деца
На 16 август, полициски службеници од ПС Гостивар го лишиле од слобода И.Т. (45) од Гостивар, по претходна пријава за физички напад врз неговата 35-годишна сопруга.
При проверката било утврдено дека кај него има 1,01 промил алкохол во крвта.
Во текот на вечерта, сопругата дополнително пријавила дека подолг период, кога бил под дејство на алкохол, ја принудувал на сексуални односи и вршел психичко и физичко малтретирање врз неа и нивните деца.
По пријавата, во 23:55 часот бил извршен претрес во домот на И.Т., при што биле пронајдени и одземени предмети поврзани со кривично дело.
Тој е задржан во полициска станица, а по целосното документирање на случајот против него ќе следува соодветен поднесок.








