ПРВ.мк
Црна Хроника

РИГОРОЗНИ КОНТРОЛИ НИЗ МАКЕДОНИЈА: Возеле пијани, без дозвола или со забрана - еве колку лица се уапсени за 24 часа!

РИГОРОЗНИ КОНТРОЛИ НИЗ МАКЕДОНИЈА: Возеле пијани, без дозвола или со забрана - еве колку лица се уапсени за 24 часа!

Петнаесет лица биле лишени од слобода во текот на изминатото деноноќие на територијата на целата држава поради сомнение за сторено кривично дело „безобѕирно управување со моторно возило“, согласно член 297-а од Кривичниот законик.

Од МВР информираат дека осум од приведените лица управувале возило без возачка дозвола, а меѓу нив имало и четворица малолетници. Четири лица биле затекнати како управуваат возило под дејство на алкохол.

Во еден случај, возач управувал без возачка дозвола и под дејство на алкохол, додека едно лице управувало возило и покрај активна забрана за управување. Едно лице, пак, било затекнато како вози под дејство на алкохол и покрај изречената забрана.

Од Министерството за внатрешни работи велат дека по целосното документирање на случаите, против лицата ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.

МВР повторно апелира до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и да не управуваат моторни возила без возачка дозвола, под дејство на алкохол или во период кога им е изречена забрана за управување.

„Одговорното однесување во сообраќајот е заедничка обврска и клучен предуслов за поголема безбедност на сите граѓани“, наведуваат од МВР.