ПРВ.мк
Црна Хроника

РАЗБИЕНА НАРКО-МРЕЖА ВО МАКЕДОНИЈА: Дрога се продавала во шест градови, петмина осомничени и за перење пари

РАЗБИЕНА НАРКО-МРЕЖА ВО МАКЕДОНИЈА: Дрога се продавала во шест градови, петмина осомничени и за перење пари

По повеќемесечна истрага, полицијата разби организирана криминална група од 21 лице, осомничена за трговија со кокаин и марихуана и перење пари.

Во полициската акција биле извршени претреси кај 31 лице на вкупно 36 локации – 33 во Прилеп, две во Скопје и една во Струга. Приведени биле 20 лица, додека еден од осомничените веќе се наоѓа во притвор во Франција поради кривично дело поврзано со дрога.

При претресите полицијата пронашла и одзела тревкаста, бела прашкаста и грутчеста материја, гасен пиштол, муниција, поголема сума денари и девизи, автомобили, мотоцикли, мобилни телефони, ваги, дробилка и друга опрема.

Според МВР, групата функционирала преку две мрежи на препродавачи. Дрогата наводно била набавувана од лица од Албанија, Струга, Дебар и Гостивар, а потоа се продавала во Прилеп, Битола, Кавадарци, Неготино, Велес и Скопје.

Марихуаната, според полициските наводи, се продавала за 500 до 800 денари за грам, додека кокаинот за 4.000 до 6.000 денари за грам.

Петмина од осомничените се товарат и дека парите за кои се сомничи дека потекнувале од продажбата на дрога ги внесувале во легалниот платен промет. Според МВР, во периодот од 2025 до 2026 година станува збор за вкупно 4.990.270 денари и 64.670 евра.

Против сите 21 лице е поднесена кривична пријава.