ПРВ.мк
Црна Хроника

МУ СЕ СЛОШИ ВО СУДНИЦА: Прекинато денешното рочиште за трагедијата во „Пулс“

МУ СЕ СЛОШИ ВО СУДНИЦА: Прекинато денешното рочиште за трагедијата во „Пулс“

Рочиштето за случајот „Пулс“ денеска беше прекинато откако на првообвинетиот Дејан Јованов – Деко му се слошило во текот на судењето.

Претходно, во големата судница во Идризово дошло до тензична расправија меѓу дел од родителите на загинатите и одбраната. Расправијата започнала за време на сведочењето на техничкиот советник Петре Русески, ангажиран од одбраната, кој зборувал за градежните интервенции во објектот каде функционирала дискотеката „Пулс“.

По дофрлања од присутните, судијката Дијана Груевска-Илиевска побарала дел од родителите да ја напуштат судницата за да се смири ситуацијата. По кратка пауза, со дозвола на судот, тие повторно се вратиле.

Во продолжението на рочиштето, Јованов се пожалил дека не се чувствува добро и побарал лекарска помош. Со помош на затворски полицаец бил изнесен од судницата, а се жалел на вртоглавица, болки во грбот и нелагодност и болка во градите.

Според информациите соопштени во судницата, му бил направен ЕКГ-преглед и не биле утврдени знаци на акутна состојба. Сепак, била препорачана опсервација и дополнителни прегледи доколку тегобите продолжат.

Судијката потоа го прекинала рочиштето. Јованов требало да биде вратен во притвор, а доколку продолжат здравствените тегоби, да биде упатен на дополнителни испитувања и кардиолошки прегледи.

Притворот на Јованов законски истекува на 3 октомври, додека неговата одбрана најавила гаранција во имот вреден речиси 200.000 евра.