ПРВ.мк
Црна Хроника

ДРАМАТИЧНО НА РОЧИШТЕТО ЗА „ПУЛС“: Родителите ја напуштија судницата

ДРАМАТИЧНО НА РОЧИШТЕТО ЗА „ПУЛС“: Родителите ја напуштија судницата

Тензично рочиште за случајот „Пулс“ се одржа денеска, откако дел од родителите на загинатите реагираа на прашањата на одбраната и на исказите на техничкиот советник Петре Русески.

Во текот на рочиштето, по гласни реакции од присутните родители, судијката Дијана Груевска Илиевска им порача дека постапката може да продолжи без нивно присуство, но не и без обвинетите и нивните адвокати.

„Без вас во судницава можеме, а без обвинетите и адвокатите не можеме да ја водиме постапката“, рекла судијката, според објавеното од „Скопје1“.

На ова родителите возвратиле дека тие „не можат без своите деца“. По реакциите, судијката побарала да ја напуштат судницата за да се смират, а по кратката пауза им било дозволено повторно да се вратат.

Револтот настанал додека адвокатката Ивана Коцевска му поставувала прашања на техничкиот советник Петре Русески, ангажиран од одбраната. Тој зборувал за намената и карактеристиките на објектот во кој функционирала дискотеката „Пулс“, а родителите во еден момент реагирале нарекувајќи го објектот „гасна комора“.

Дополнителна напнатост предизвикала и употребата на зборот „јавност“, при што родителите посочиле дека тие не се само јавност, туку оштетени во постапката.

По нивното излегување, судницата ја напуштил и првообвинетиот Дејан Јованов-Деко, кој се пожалил на вртоглавица и дека не се чувствува добро. Поради неговата состојба била дадена уште една пауза.

На рочиштето продолжува сослушувањето на техничкиот советник Русески, кој е ангажиран од одбраната за оспорување на вештачењето на Градежниот факултет поврзано со објектот во кој работела дискотеката.

Во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани на 16 март 2025 година, за време на настап на групата ДНК, загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени.