ПРВ.мк
Црна Хроника

Почина Касандра

Почина Касандра

Познатата американска џез-пејачка и двократна добитничка на Греми, Касандра Вилсон, почина на 70-годишна возраст во родниот Џексон, Мисисипи.

Според нејзиниот менаџер, Вилсон починала мирно во својот дом, опкружена со семејството, блиските пријатели и менаџерот. Причината за смртта засега не е објавена.

По веста за нејзината смрт, бројни музичари и пријатели се простија од неа преку социјалните мрежи.

Меѓу нив е и пејачката Џил Скот, која со емотивна порака се присети на уникатниот глас, искреноста и музичкиот израз на Вилсон. Почит ѝ оддадоа и британскиот музичар Џулс Холанд и Скин, пејачката на групата „Сканк Ананси“.

Касандра Вилсон е родена во Џексон, Мисисипи, а со музиката започнала уште како дете. На шестгодишна возраст учела класично пијано, подоцна свирела кларинет, а со помош на својот татко научила и гитара.

По студиите се преселила во Њу Орлеанс, каде дополнително ја развивала својата џез-кариера. Подоцна заминала во Њујорк и станала дел од колективот „М-Бејс“, заедно со саксофонистот Стив Колман.

Во текот на кариерата изгради препознатлив стил во кој ги спојуваше џезот, блузот, фолкот и други музички влијанија.

Еден од нејзините најзначајни албуми беше „New Moon Daughter“, за кој во 1997 година ја освои Греми наградата за најдобар џез-вокален албум. Втор Греми во истата категорија освои една деценија подоцна со албумот „Loverly“.

Касандра Вилсон зад себе остава богата музичка кариера и наследство со кое остави длабока трага во современиот џез.