ПРВ.мк
Црна Хроника

ПО СЕМЕЈНАТА ТРАГЕДИЈА НА ХАЛКИДИКИ: Тетката допатува кај седумгодишното девојче

ПО СЕМЕЈНАТА ТРАГЕДИЈА НА ХАЛКИДИКИ: Тетката допатува кај седумгодишното девојче

Речиси десет дена по тешката сообраќајна несреќа на Халкидики, во која животот го загубија три члена на едно семејство од Молдавија, вниманието и понатаму е насочено кон седумгодишното девојче – единствениот преживеан од трагедијата.

Девојчето се наоѓа на лекување во болница во Солун, каде што лекарите и натаму внимателно ја следат нејзината здравствена состојба. Таа се здобила со повеќекратни тешки повреди и е сместена на Одделот за интензивна нега.

Според грчкиот весник „Прототема“, ден по несреќата во Грција пристигнала Ана Кациур, сестрата на починатата мајка, која допатувала од Молдавија за да биде покрај својата внука и да го преземе нејзиното старателство.

Информацијата ја потврдил и почесниот конзул на Молдавија во Грција, Јоргос Палазис, кој изјавил дека тетката официјално пристигнала во Солун и ќе се грижи за девојчето.

Лекарите претходно најавија постепено будење на детето од медикаментозната состојба, но засега нема нови официјални информации за тоа дали процесот е завршен и каква е нејзината моментална здравствена состојба.

Во меѓувреме, започнати се процедурите за репатријација на телата на нејзините родители и помалото братче или сестриче во Молдавија, каде што ќе бидат погребани.

Паралелно продолжува и истрагата за причините за несреќата. Според првичните информации што ги пренесуваат грчките медиуми, можно е автомобилот во кој патувало семејството при претекнување да навлегол на спротивната коловозна лента, но надлежните нагласуваат дека конечните околности ќе бидат утврдени по завршувањето на истрагата и вештачењата.