ПРВ.мк
Црна Хроника

ОГРОМНА ТАГА: Познат идентитетот на загинатите во несреќата кај Блаце!

ОГРОМНА ТАГА: Познат идентитетот на загинатите во несреќата кај Блаце!

Трагичен крај доби потрагата по тројцата патници кои од саботата вечер се водеа како исчезнати, откако нивното возило беше пронајдено превртено покрај патот во близина на граничниот премин Блаце, кон границата со Косово. Во автомобилот биле пронајдени телата на сите тројца патници.

Според информациите објавени од Алсат, станува збор за автомобил „мерцедес“ со германски регистарски таблички, кој од засега непознати причини излетал од коловозот. Надлежните институции работат на утврдување на точните околности што довеле до несреќата.

Во несреќата животот го загубиле Ејуп Тернава, Џенет Тернава и Фатмире Шабани. Според досегашните информации, тие последен пат биле видени во саботата околу 22 часот во Скопје, откако го напуштиле аеродромот и тргнале кон Косово.

Откако нивните блиски изгубиле контакт со нив, било пријавено исчезнување и веднаш започнала потрага. За жал, потрагата завршила со најлош можен исход, кога превртеното возило било пронајдено покрај патот.

За случајот доцна синоќа се огласи и Министерството за внатрешни работи, кое информира дека на 19 јули 2026 година во 22:35 часот во СВР Скопје било пријавено дека на патниот правец од Граничниот премин Блаце кон Скопје се наоѓа превртено возило „мерцедес“ со германски национални ознаки.

Полициски екипи веднаш излегле на местото на несреќата, каде што било утврдено дека во автомобилот се наоѓаат три починати лица – еден маж и две жени. Лекар од Итната медицинска помош ја констатирал нивната смрт.

Од МВР дополнително соопштија дека истиот ден, во 13:40 часот, во Полициската станица Бит Пазар, државјанин на Косово пријавил исчезнување на трите лица. Според неговата пријава, последниот контакт со нив бил остварен на 18 јули околу 22:15 часот, кога тие се наоѓале на аеродромот во Скопје.

Надлежните служби продолжуваат со истрагата за да се утврдат сите околности и причините што довеле до оваа тешка сообраќајна несреќа.