Најмалку 16 млади момчиња од Македонија биле идентификувани како лица кои заминале во Србија, каде биле вовлечени во активности поврзани со организирани криминални групи, според истражувањето на емисијата „КОД“.
Станува збор претежно за млади на возраст од 18 до 25 години, а според објавените информации, најголем дел од нив потекнувале од скопските населби Аеродром, Ѓорче Петров, Карпош и Драчево.
Регрутирањето, според „КОД“, се одвивало преку лица од Македонија поврзани со криминалното милје. На младите им била нудена „работа“ во Србија, придружена со ветувања за лесна и голема заработка, скап ноќен живот и можност за напредување во криминалната хиерархија.
По пристигнувањето во Србија, дел од нив наводно добивале посебни уреди за комуникација и пристап до затворени канали преку кои им биле задавани задачи.
Според истражувањето, досега се идентификувани меѓу 16 и 20 млади Македонци поврзани со вакви структури, а регрутирањето особено се засилило во текот на 2024 година.
Сепак, приказната за „лесните пари“ за дел од младите добила сосема поинаков тек. „КОД“ наведува дека во одредени случаи тие самите станувале жртви на криминалните групи. На некои им биле одземани личните документи, а напуштањето на групата било исклучително тешко.








