Шеснаесет загинати, десетици повредени, повеќе од сто судски рочишта, бројни вештачења и супервештачења и вкупно 53 години затворски казни – ова е билансот на еден од најдолгите и најтешки судски процеси поврзани со сообраќајна несреќа во Македонија. Седум години по трагичната автобуска несреќа кај Ласкарци, предметот повторно се враќа пред Апелациониот суд, откако Врховниот суд ја укина правосилната второстепена пресуда.
Одлуката на Врховниот суд, сепак, не значи дека шестемина осудени се прогласени за невини. Причината за укинувањето е оценката дека во второстепената пресуда не биле дадени доволно конкретни и прецизни одговори за тоа како поединечните дејствија или пропусти на секој од осудените придонеле за несреќата, ниту пак било доволно образложено врз кои докази се темелат таквите заклучоци.
Со тоа, случајот „Ласкарци“ повторно влегува во нова фаза, по години судски рочишта, стручни анализи и повеќекратни одлуки. Хронологијата на предметот започнува на 13 февруари 2019 година, кога автобус на „Дурмо турс“, кој сообраќал на редовната линија Скопје – Гостивар со 55 патници, излетал од автопатот Скопје – Тетово кај селото Ласкарци.
Автобусот ја пробил заштитната ограда на автопатот, преминал на спротивната страна од коловозот, излетал од патот и се превртел. Првично било потврдено дека во несреќата загинале 13 лица, додека голем број патници биле пренесени во скопските болници со тешки повреди.
Уште истиот ден Обвинителството започнало со преземање на мерки за утврдување на причините за несреќата. Биле наредени обдукции, вонреден технички преглед на автобусот, како и анализи на крвта и урината на возачот.
Само три дена подоцна, на 16 февруари 2019 година, бројот на жртви се зголемил на 15. На КАРИЛ починал уште еден од тешко повредените патници.
Трагедијата добила уште потежок биланс на 20 март истата година, кога по речиси 40 дена лекување починала и млада девојка повредена во несреќата. Таа станала 16-тата жртва на автобуската трагедија кај Ласкарци.
По повеќемесечната истрага, во јули 2019 година Основното јавно обвинителство Скопје поднело обвинение против шест лица. На обвинителната клупа се нашле сопственикот на „Дурмо турс“, Дурмиш Белули, одговорниот за транспорт Ремзи Мифтари, возачот Маноил Трифуновски и тројца вработени во станицата за технички преглед – Игор Ѓорѓиевски, Горан Дуковски и Јане Боварски.
Според обвинението, Белули и Мифтари не ги почитувале прописите поврзани со безбедноста на автобускиот превоз, додека автобусот бил пуштен во сообраќај и покрај утврдените технички проблеми. Во обвинението било наведено и дека возачот непосредно пред несреќата се движел со брзина од 99 километри на час.
На 1 август 2019 година Кривичниот суд го одобрил обвинението и предметот формално бил оформен, а во јавноста подоцна станал познат како случајот „Ласкарци“.
Главната расправа започнала на 5 септември 2019 година, помалку од седум месеци по несреќата. Сите шестмина обвинети се изјасниле дека не се виновни.
Обвинителот Дарко Јакимовски во воведниот збор тврдеше дека трагедијата не била последица на една изолирана грешка или дефект, туку на повеќе пропусти кои со текот на времето се наталожиле и довеле до несреќата.
Во текот на есента 2019 година, семејствата на загинатите и дел од преживеаните патници се приклучиле кон кривичниот прогон и најавиле барања за надомест на штета. Во судницата започнале сослушувањата на сведоци, преживеани патници и вешти лица.
Постапката постепено се претворила во долгогодишен судски процес. Во периодот од 2019 до 2021 година биле одржани десетици рочишта, биле презентирани технички и сообраќајни вештачења и биле сослушувани повеќе стручни лица.
Како што одминувало судењето, во центарот на вниманието се издвоиле две клучни прашања – во каква техничка состојба бил автобусот во моментот на несреќата и што точно направил возачот во секундите пред автобусот да излета од патот.
Различните стручни наоди и ставови околу овие прашања дополнително ја усложниле постапката.
На 11 ноември 2021 година Кривичниот суд наредил изработка на супервештачење. Една од причините биле разликите меѓу претходните вештачења, особено околу прашањето дали возачот се обидел да сопира непосредно пред несреќата. До тој момент веќе биле одржани повеќе од сто рочишта.
Новиот проблем следувал во 2022 година, кога процесот дополнително се одолжил бидејќи факултетите на кои им било понудено да го изготват супервештачењето одбиле да го преземат. Како причини биле наведени фактот дека нивни експерти веќе учествувале во претходните вештачења, како и недостатокот на соодветна компетентност за конкретната задача.
Поради тоа, предметот бил испратен до Бирото за судски вештачења, кое формирало тим од лиценцирани експерти.
По повеќе од една година од судската наредба, на 27 декември 2022 година конечно биле завршени машинското и сообраќајното супервештачење. Новите стручни наоди повторно ги отвориле прашањата за техничката исправност на автобусот, состојбата на сопирачкиот систем и однесувањето на возачот непосредно пред несреќата.
На 24 јануари 2023 година постапката формално започнала одново. Со цел да не се повторува целото повеќегодишно изведување на доказите, странките се согласиле претходно изведените докази да бидат прочитани, а судењето да продолжи со презентирање и разгледување на супервештачењата.
Следувале нови месеци на сослушување машински и сообраќајни експерти.
Првата пресуда била донесена на 25 јануари 2024 година, речиси пет години по почетокот на судењето. Основниот кривичен суд ги прогласил за виновни сите шестмина обвинети.
Возачот Маноил Трифуновски бил осуден на 14 години затвор, Ремзи Мифтари на шест години, а Дурмиш Белули на четири години затвор. Игор Ѓорѓиевски, Горан Дуковски и Јане Боварски добиле по пет години затвор.
Вкупниот збир на изречените казни во прв степен изнесувал 39 години. Судот оценил дека постоеле технички неисправности и пропусти поради кои автобусот не требало да биде пуштен во јавен сообраќај.
По пресудата следувале реакции од семејствата на загинатите, кои сметале дека изречените казни се преблаги и очекувале построги, односно максимални санкции.
Следната голема промена во предметот се случила на 17 април 2025 година. Апелациониот суд ја преиначил првостепената пресуда во делот на висината на казните.
Дурмиш Белули, наместо четири години, добил десет години затвор, додека Ремзи Мифтари, наместо шест, бил осуден на десет години. Игор Ѓорѓиевски и Горан Дуковски добиле по седум години затвор, наместо првично изречените пет години.
За Јане Боварски останала казната од пет години, додека за возачот Маноил Трифуновски останала затворската казна од 14 години.
Со оваа одлука вкупниот збир на казните за шестемина обвинети се зголемил од 39 на 53 години затвор.
Сепак, предметот не го добил својот конечен правен епилог.
На 9 септември 2026 година Врховниот суд, постапувајќи по барањата за вонредно преиспитување поднесени од осудените, ја укинал пресудата на Апелациониот суд и го вратил предметот на повторно постапување и одлучување.
Клучно е што оваа одлука не претставува утврдување дека шестемина осудени се невини. Врховниот суд оценил дека во одлуката на Апелациониот суд не биле дадени доволно прецизни образложенија за индивидуалниот придонес на секој од осудените во настанувањето на несреќата.
Особено внимание било посветено на односот меѓу техничката неисправност на автобусот и постапувањето на возачот. Во супервештачењата биле констатирани технички недостатоци, но истовремено било наведено дека не постојат траги од сопирање. Според оценката на Врховниот суд, Апелација требало попрецизно да објасни како овие факти влијаат врз кривичната одговорност на секој од обвинетите поединечно.
Врховниот суд забележал и дека не биле целосно одговорени одредени жалбени наводи, меѓу кои и прашањето поврзано со барањето за дополнително вештачење на здравствената состојба на возачот.
Сега, во септември 2026 година, предметот повторно е пред Апелациониот суд.
Враќањето на предметот пред второстепениот суд не значи автоматски дека целата постапка мора да започне од самиот почеток и повторно да се одржуваат сите рочишта од првото судење. Апелациониот суд повторно треба да ги разгледа жалбите и да ги отстрани недостатоците на кои укажал Врховниот суд. Во зависност од новата одлука и од исполнувањето на законските услови, второстепениот суд може да ја потврди или преиначи првостепената пресуда, а под одредени услови предметот може повторно да биде вратен пред Кривичниот суд.
Така, повеќе од седум години по автобуската трагедија во која животот го загубија 16 лица, случајот „Ласкарци“ повторно останува без правосилна судска разрешница.
Од трагичниот ден кај Ласкарци досега се отворија низа прашања – од техничката состојба на автобусот и исправноста на неговите системи, до постапувањето на возачот непосредно пред излетувањето и одговорноста на секој од шестемина обвинети. По години судење, повеќе од сто рочишта, бројни вештачења и две различни одлуки за висината на казните, конечниот одговор за кривичната одговорност повторно ќе го даваат судовите.







