Два одделни инцидента биле регистрирани во Казнено-поправната установа „Идризово“, при што во едниот случај дошло до физичка пресметка меѓу двајца осуденици, а еден од нив бил повреден со остар предмет. Во вториот случај, при претрес на двајца затвореници биле пронајдени вкупно 39 пакувања со различни видови материја за која постои сомнение дека станува збор за дрога.
Според информациите, првиот инцидент се случил завчера околу 18:35 часот во амбулантното одделение на затворот. Таму дошло до физичка пресметка меѓу 28-годишен осуденик од скопско и 41-годишен осуденик од Битола.
При пресметката, според пријавеното, 41-годишниот осуденик употребил остар предмет и му нанел повреда на 28-годишникот. Повредениот затвореник по инцидентот бил пренесен во Комплексот клиники „Мајка Тереза“, каде што му била укажана лекарска помош.
Во меѓувреме, во одделен случај во рамки на истата казнено-поправна установа, бил извршен претрес врз двајца осуденици, на возраст од 34 и 37 години.
При претресот биле пронајдени и одземени вкупно 39 пакувања со материја за која постои сомнение дека е наркотична дрога. Од нив, 25 пакувања содржеле кафеава прашкаста материја, додека во останатите 14 пакувања била пронајдена марихуана.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека во двата случаи се преземаат мерки за целосно расчистување и документирање на настаните. По утврдувањето на сите околности, за инволвираните лица ќе следуваат соодветни пријави.









