ПРВ.мк
Црна Хроника

Нови информации за жената што преживеа погубување: Криста Пајк е будна и повторно разговара

Нови информации за жената што преживеа погубување: Криста Пајк е будна и повторно разговара

Криста Пајк, осуденичката на смрт која минатата недела го преживеа обидот за погубување со смртоносна инјекција во американската сојузна држава Тенеси, повторно е при свест и разговара, соопштија нејзините адвокати.

Педесетгодишната Пајк и натаму се наоѓа во болница и добива интензивна медицинска нега по неуспешното погубување извршено на 30 септември во затвор во Нешвил.

Според нејзините адвокати, таа има сериозни повреди на рацете кои настанале при обидите за поставување интравенски канили за време на постапката. Тие наведуваат дека Пајк и понатаму е врзана со лисици за болничкиот кревет.

„Нејзината прогноза останува неизвесна, но очекуваме долго закрепнување. И покрај сè, таа е при свест и разговара“, соопштија адвокатите.

Обидот за погубување траел околу два и пол часа. Според извештаите, биле употребени две дози пентобарбитал, но постапката на крајот била прекината, по што била повикана итна медицинска помош.

Адвокатите на Пајк претходно предупредувале дека поставувањето интравенски линии кај неа може да биде отежнато поради медицински состојби и специфични проблеми со вените.

Пајк беше осудена на смрт во 1996 година за учество во убиството на 19-годишната Колин Слемер во Ноксвил една година претходно. Во моментот на злосторството имала 18 години.

Нејзините адвокати во барањето за помилување тврделе дека при изрекувањето на смртната казна не биле доволно земени предвид траумите од нејзиното детство, како и психичките проблеми за кои наведувале дека не биле соодветно третирани. Барањето било одбиено.

По неуспешното погубување, гувернерот на Тенеси, Бил Ли, наредил да бидат запрени сите погубувања планирани до крајот на годината и да се спроведе независна истрага за случајот.

Случајот повторно ја отвори дебатата во САД за примената на смртоносната инјекција и процедурите што се користат при извршување на смртната казна.