Нов случај на врсничко насилство е пријавен во Скопје, откако малолетник бил физички нападнат на подрачјето на Општина Аеродром, а случајот е пријавен во полиција.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, на 13 јули 2026 година во 19:40 часот, во СВР Скопје, С.П. (42) од Скопје пријавил дека неговиот малолетен син бил физички нападнат од друг малолетник.
Од полицијата информираат дека по пријавата се преземаат сите неопходни мерки и активности за целосно расчистување на случајот, како и за утврдување на сите околности под кои се случил инцидентот.
Овој случај повторно го отвора прашањето за зачестеното врсничко насилство во земјава. Во изминатиот период јавноста беше вознемирена од повеќе слични инциденти во кои жртви беа малолетници.
Еден од случаите што предизвика силни реакции беше нападот врз 14-годишно девојче од Куманово. Според информациите од МВР, неколку малолетници ја навредувале и физички ја нападнале девојката, а целиот настан го снимале со мобилен телефон. По нападот, ѝ се заканиле да не го пријавува случајот и да не зборува за видеото.
Инцидентот во Куманово се случил во март годинава, а надлежните институции постапувале по пријавата.
Претходно, македонската јавност беше потресена и од снимка на која малолетничка од скопската населба Аеродром, клекната на колена, беше физички нападната од свои врснички, што повторно ја актуализираше потребата од поефикасно спречување на врсничкото насилство и навремена реакција од надлежните институции.










