ПРВ.мк
Балкан

БУРА НА БАЛКАНОТ ПО ИЗЈАВАТА НА СРПСКА МИНИСТЕРКА: Косово ѝ забрани влез, реагираше и Европската Унија!

БУРА НА БАЛКАНОТ ПО ИЗЈАВАТА НА СРПСКА МИНИСТЕРКА: Косово ѝ забрани влез, реагираше и Европската Унија!

Силни политички реакции предизвика изјавата на српската министерка за државна администрација и локална самоуправа, Снежана Пауновиќ, по што властите во Косово донесоа одлука трајно да ѝ забранат влез во земјата. Случајот привлече внимание и во Брисел, од каде Европската Унија порача дека нема место за реторика што оправдува етничко чистење.

Одлуката за забрана ја соопшти косовскиот министер за внатрешни работи Џелал Свечла, кој информираше дека веќе ја потпишал и ја проследил до сите надлежни институции.

„Како министер за внатрешни работи на Косово, донесов одлука со која Снежана Пауновиќ се прогласува за непожелна личност, со трајна забрана за влез или транзит низ Република Косово“, соопшти Свечла.

Тој оцени дека ваквите пораки претставуваат продолжување на реторика која, според него, потсетува на политики што во минатото довеле до насилство и обиди за протерување на Албанците.

„Времето кога Албанците беа угнетувани, масакрирани и етнички чистени е засекогаш завршено“, порача косовскиот министер.

Контроверзиите започнаа по телевизиско интервју емитувано во Србија, во кое Пауновиќ зборуваше за косовското прашање. Во текот на разговорот таа изнесе изјава која предизвика бурни реакции во регионот и пошироко.

По објавувањето на интервјуто, реагираше и Европската комисија. Портпаролката Анита Хипер истакна дека Европската Унија нема да коментира поединечни политички настапи, но нагласи дека ставот на Унијата е јасен.

Според неа, во Европа нема место за реторика што оправдува или заговара етничко чистење, без оглед од кого доаѓа.

По бранот критики, Снежана Пауновиќ соопшти дека нејзината изјава била погрешно разбрана и извадена од контекст. Таа тврдеше дека станувало збор за политичка анализа, а не за повик на насилство. Сепак, во своето дополнително објаснување наведе дека останува на ставот што го изнела во интервјуто.

Слободан Милошевиќ беше претседател на Србија за време на конфликтот во Косово. Тој почина во 2006 година во притвор во Хаг, каде што му се судеше за обвиненија поврзани со геноцид, злосторства против човештвото и воени злосторства.