Основниот суд во Велес донесе пресуда за тешката сообраќајна несреќа што минатата година ја потресе јавноста. Дваесет и тригодишниот Панче Аџиов е осуден на пет години затвор поради несреќата кај велешкото село Чичево, во која животот го загуби неговиот 21-годишен другар, а уште тројца млади беа тешко повредени.
Кривичниот совет го прогласи обвинетиот за виновен за кривичното дело „тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“. Покрај затворската казна, Судот му изрече и едногодишна забрана за управување со моторно возило од Б-категорија.
Во текот на судската постапка, обвинетиот ја признал вината за делото што му се ставаше на товар. Во својот завршен збор пред Судот, тој изразил искрено каење за трагичниот настан и упатил сочувство до семејството на загинатиот млад човек.
Тешката сообраќајна несреќа се случи на 28 август 2025 година, околу полноќ, кога четворица другари се враќале од манастирската слава кај „Свети Архангел Михаил“.
Според обвинителството, до трагедијата дошло поради управување со возилото под дејство на алкохол и возење со брзина што не била приспособена на условите на патот. Во несреќата животот го загуби Љупче Ончев (21), додека двајца од сопатниците се здобија со тешки телесни повреди.
Иако Судот ја донесе пресудата, таа сè уште не е правосилна, што значи дека странките имаат право на жалба согласно законските рокови и постапки.









