Жителите на јапонскиот град Шизукуиши веќе две недели живеат во неизвесност поради необичен натрапник. Властите се сомневаат дека една азиска црна мечка стои зад серија провали во домови, при што најчеста цел ѝ е храната, особено слатките, а досега се поврзува со најмалку 14 инциденти.
Последниот случај се случил во понеделник вечерта, кога 87-годишниот Мицуо Мацубара слушнал необична бучава од кујната и отишол да провери што се случува. Таму, лице в лице се сретнал со голема азиска црна мечка која веќе го отворила фрижидерот и ја расфрлала храната низ просторијата. Неговата сопруга веднаш ја известила полицијата.
Досега се регистрирани кражби и провали на најмалку пет различни локации во североисточниот град Шизукуиши, поради што надлежните сметаат дека најверојатно станува збор за истото животно. За да ја спречат понатамошната штета и да ги заштитат жителите, поставени се кафези како стапици, инсталирани се електрични огради околу домовите што најчесто биле мета на нападите, а организирани се и патроли кои ги предупредуваат граѓаните на можната опасност.
Експертот за мечки од Одделот за заштита на природата во префектурата Ивате, Шихо Чида, изјавил дека е многу невообичаено мечка повеќепати да се враќа на истите локации, што дополнително ги зајакнува сомнежите дека сите инциденти ги предизвикува едно исто животно. Според него, приоритет е мечката што е можно побрзо да биде безбедно фатена.
Само неколку дена претходно, локален жител по враќањето од продавница затекнал мечка во својот дом, на само неколку метри од собата во која спиел неговиот татко. Животното накратко избегало, но повторно се обидело да влезе. Човекот околу половина минута со сила ја држел лизгачката врата затворена додека мечката, исправена на задните нозе, се обидувала да ја оттурне. Според неговата проценка, животното било високо околу 1,65 метри.
Нападите продолжиле и наредните денови. Една жена ја затекнала мечката како пребарува по нејзината кујна, а потоа животното провалило и во локална продавница за слатки, од каде што земало крофни од фрижидерот.
Според локалните жители, мечката покажува необична наклонетост кон слатката храна. Таа дури петпати се вратила во истата куќа, каде што јадела бисквити, шеќер и традиционалниот јапонски десерт каринто – пржено тесто прелиено со шеќер.
Во последните неколку години Јапонија бележи рекорден број напади од мечки, како и зголемен број жртви. Експертите сметаат дека намалувањето на населението во руралните области довело до тоа дивите животни сè почесто да навлегуваат во населени места, при што дел од нив постепено го изгубиле стравот од луѓето и почнале да бараат храна во домовите и продавниците.







