Полицијата во Хо Ши Мин, Виетнам, уапсила 12 мажи осомничени дека биле дел од организирана група која крадела мачки низ градот, а потоа ги препродавала за месо.
Според информациите што ги пренесуваат медиумите, групата се сомничи дека украла и продала околу 2.700 мачки.
Како наводен водач на мрежата се посочува 39-годишниот Луу Тан Бин.
Истражителите се сомневаат дека тој ги откупувал украдените животни, ги чувал во објект во северниот дел на градот, а потоа ги препродавал.
Според истрагата, неговите соработници ангажирале луѓе кои со мотори во текот на ноќта ги обиколувале станбените населби.
Најчесто дејствувале во периодот од 23 часот навечер до 4 часот наутро, а секоја ноќ фаќале меѓу четири и десет мачки.
При полициска акција на 8 јули биле пронајдени околу 50 мачки, како и повеќе замки.
Според медиумските извештаи, осомничените признале дека вкупно украле и продале околу 2.700 животни.
Од пронајдените мачки, 13 биле вратени кај нивните сопственици, додека останатите биле преземени од организација за заштита на животните додека се трага по нивните сопственици.
Консумирањето кучешко и мачкино месо сè уште постои во делови од Азија, вклучително и во Виетнам, но практиката не е широко распространета и во последните години бележи пад.
Во 2024 година повеќе од 250.000 луѓе потпишале петиција со која се бара прекин на трговијата со кучешко и мачкино месо.
Во Виетнам кучињата и мачките законски се третираат како приватна сопственост, па нивната кражба може да биде предмет и на кривично гонење.









