Тешка сообраќајна несреќа го потресе Велес откако мотоциклист завршил со сериозни повреди по судир со автомобил на патот кај езеро Младост.
Несреќата се случила вчера попладне околу 16:45 часот, во близина на крстосницата меѓу улиците „Академик Пенчо Давчев“ и „Димитар Андонов Папрадишки“. Во судирот учествувале мотоцикл „БМВ“, управуван од 35-годишен велешанец, и автомобил „Цитроен“, зад чиј волан бил 45-годишен жител на Велес.
Според информациите од полицијата, најтешко поминал возачот на мотоциклот, кој се здобил со тешки телесни повреди и бил пренесен во болница. Повредени биле и возачот на автомобилот, како и двајца сопатници – 47-годишна жена и 16-годишен малолетник.
Сите повредени биле прегледани во Општата болница во Велес, каде лекарите ги констатирале повредите.
На местото на несреќата увид извршила екипа на СВР Велес, а за случајот бил известен и јавен обвинител. Причините за несреќата се испитуваат.







