Во основно училиште во словачкото место Сташков денеска се случи напад со нож во кој загина една наставничка, а две лица се повредени. Според првичните информации, во нападот бил вклучен ученик од осмо одделение.
Жртвата е 61-годишна наставничка. Повредени се и ученичка, која според службите за итна медицинска помош се наоѓа во критична состојба, како и 44-годишна наставничка која се здобила со убодна рана во пределот на градите.
По пријавата, кон училиштето веднаш биле испратени полициски и медицински екипи, две амбулантни возила и два спасувачки хеликоптери. Повредената ученичка со хеликоптер била пренесена во болница во Мартин, додека наставничката била транспортирана во болница во Жилина.
Надлежните соопштиле дека ситуацијата е ставена под контрола и дека нема дополнителна опасност за јавноста. Мотивот за нападот засега не е познат, а полицијата продолжува со истрагата и апелира да не се шират непроверени информации.
На местото пристигнале и словачките министри за внатрешни работи, образование и здравство – Матуш Шутај Ешток, Томаш Дракер и Камил Шашко.
Случајот повторно го отвора прашањето за безбедноста во словачките училишта. Повеќе детали за околностите под кои се случил нападот се очекуваат по завршувањето на истражните активности.








