ПРВ.мк
Црна Хроника

(ФОТО) МИЦКОСКИ И ТОШКОВСКИ ВО ВЕЛЕС: „Безбеден град“ стартуваше - еве колку казни се напишани за 24 часа!

(ФОТО) МИЦКОСКИ И ТОШКОВСКИ ВО ВЕЛЕС: „Безбеден град“ стартуваше - еве колку казни се напишани за 24 часа!

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и премиерот Христијан Мицкоски денеска го посетија модернизираниот команден центар на СВР Велес, каде што официјално беше означен почетокот на функционирањето на системот „Безбеден град“ на подрачјето на СВР Велес.

Тошковски информираше дека командниот центар е сместен во целосно реконструирани и реновирани простории кои претходно ги користело Министерството за одбрана, а кои потоа биле надвор од употреба околу 15 до 20 години. Со нивната реконструкција, СВР Велес доби современ простор од кој се следат и реализираат активностите поврзани со системот „Безбеден град“.

Според Тошковски, само во првите 24 часа од функционирањето на системот биле констатирани околу 124 сообраќајни прекршоци, додека до денеска биле регистрирани уште околу 27. Тоа значи дека за околу ден и половина биле евидентирани приближно 150 казни на подрачјето на СВР Велес, кое ги опфаќа Велес, Кавадарци, Неготино и Демир Капија.

Најголем дел од прекршоците биле поврзани со прекумерна брзина, додека три до четири санкции биле изречени поради поминување на црвено светло.

Тошковски нагласи дека целта на „Безбеден град“ не е само санкционирање на прекршителите или зголемување на приходите во буџетот, туку пред сè промена на сообраќајните навики и спасување човечки животи.

Министерот посочи дека позитивните ефекти од почитувањето на сообраќајните правила веќе се гледаат и преку намалувањето на бројот на жртви и сообраќајни незгоди.

Како особено значаен показател, Тошковски го посочи бројот на загинати лица во сообраќајот. Според податоците што ги презентираше, заклучно со август минатата година имало 96 жртви, додека годинава во истиот период се регистрирани 61 жртва, односно намалување од околу 40 проценти.

Тој изрази благодарност до граѓаните, медиумите, општествено одговорните компании и организациите кои се вклучиле во кампањите за подигнување на сообраќајната култура. Посебно ја издвои Фудбалската федерација на Македонија и фудбалерите кои учествувале во промотивните активности за почитување на сообраќајните правила.

Тошковски се осврна и на вчерашната тешка сообраќајна незгода на патот Миладиновци – Аеродром, во која две лица загинаа на самото место, а три лица беа повредени, од кои две се во особено тешка и животозагрозувачка состојба.

„Сето ова што ни се случува поврзано со сообраќајните незгоди не е некаде далеку. Тоа е тука и може да му се случи на секого“, порача Тошковски, нагласувајќи дека почитувањето на сообраќајните правила е од клучно значење за спречување на трагични последици.

Министерот истакна дека сите преземени активности, инвестиции и кампањи во областа на сообраќајната безбедност имаат една заедничка цел – Македонија да стане побезбедна држава за сите учесници во сообраќајот.