ПРВ.мк
Црна Хроника

МАСОВНО ПУКАЊЕ: Најмалку 12 мртви во масакрот!

МАСОВНО ПУКАЊЕ: Најмалку 12 мртви во масакрот!

Најмалку 12 лица ги загубија животите, а уште девет се повредени во масовно пукање што се случи во Јоханесбург, соопшти јужноафриканската полиција. Трагичниот инцидент се случил доцна вечерта во вторникот во неформалната населба Кливленд, по што започната е голема полициска операција за пронаоѓање на напаѓачите.

Според првичните информации, група од повеќе од десет осомничени пристигнала во близина на бензинска пумпа со бело комбе „Тојота Квантум“. Потоа тие влегле во населбата преку два различни влеза и се движеле низ областа, отворајќи оган на повеќе локации.

Полицијата наведува дека напаѓачите пукале кон жители и членови на локалната заедница пред да побегнат со истото возило. Засега не е познато што го предизвикало нападот, а мотивот останува предмет на истрага.

На местото на настанот веднаш биле испратени полициски и медицински екипи. Осум мажи и три жени биле пронајдени мртви на самото место, додека уште еден маж подоцна им подлегнал на повредите во болница.

Најмалку девет лица со прострелни рани биле пренесени во различни здравствени установи каде им била укажана лекарска помош. Надлежните служби не соопштуваат детали за нивната здравствена состојба.

Јужна Африка со години се соочува со висока стапка на насилен криминал и е меѓу земјите со најголем број убиства во светот. Според податоците што ги објави Би-Би-Си, во земјата во просек секој ден се убиваат околу 60 лица.

Пукањата во неформалните населби не се реткост и често се поврзуваат со криминални групи, банди или лични пресметки. Минатата година девет лица беа убиени во вооружен напад во ресторан во Јоханесбург, што дополнително ја нагласи сериозноста на безбедносната состојба во земјата.

Според Гидеон Жуберт од Јужноафриканската асоцијација на сопственици на оружје, во државата има околу три милиони легално регистрирани парчиња огнено оружје, но се проценува дека постои најмалку уште толку нерегистрирано оружје кое циркулира меѓу населението.

Полицијата продолжува со истрагата и потрагата по сторителите, додека јавноста очекува повеќе информации за мотивите и околностите кои доведоа до еден од најсмртоносните вооружени напади во последниот период.