ПРВ.мк
Црна Хроника

МАКЕДОНИЈА МЕЃУ ЗЕМЈИТЕ СО НАЈМНОГУ МОЗОЧНИ УДАРИ: Годишно заболуваат до 300 лица на 100.000 жители, а има и пациенти на 16 години!

МАКЕДОНИЈА МЕЃУ ЗЕМЈИТЕ СО НАЈМНОГУ МОЗОЧНИ УДАРИ: Годишно заболуваат до 300 лица на 100.000 жители, а има и пациенти на 16 години!

Македонија се наоѓа меѓу земјите со висока стапка на мозочни удари, при што годишно на секои 100.000 жители се регистрираат од 200 до 300 лица со оваа сериозна здравствена состојба. Во последните две години бројот бележи и мало зголемување, а лекарите предупредуваат дека мозочниот удар не ги погодува само повозрасните лица, туку може да се појави и кај многу млади пациенти.

Ова го истакна директорот на Универзитетската клиника за неврологија, д-р Јован Божиновски, на одбележувањето на 29 октомври, Светскиот ден на мозочниот удар.

Тој посочи дека на Клиниката имале и пациентка на само 16-годишна возраст, што дополнително ја нагласува потребата од поголема свесност за ризиците и навремено препознавање на симптомите.

Според Божиновски, пациенти со мозочен удар има во сите возрасни групи, но најзастапени се лицата постари од 50 години, особено оние кај кои ризик-факторите не се соодветно контролирани.

Мал број пациенти добиваат тромболитична терапија

Еден од проблемите на кои укажа директорот на Клиниката е релативно малиот број пациенти кои примаат тромболитична терапија, која се користи во третманот на одредени мозочни удари. На годишно ниво, стотина пациенти добиваат ваква терапија на Клиниката за неврологија, но, според Божиновски, бројката би требало да биде значително поголема.

Тој објасни дека тромболитична терапија се применува и во уште две до три здравствени установи во земјава, но нејзината употреба останува ограничена во однос на вкупниот број пациенти со мозочен удар.

Како една од главните причини го посочи доцното пристигнување на пациентите во болниците. Кога ќе поминат неколку часа од почетокот на симптомите, може да биде надминат периодот во кој терапијата е соодветна, поради што таа повеќе не може да се примени. Дел од пациентите, според него, доцнат и поради различни тешкотии што им го отежнуваат навременото пристигнување до здравствена установа.

„Таква терапија се аплицира уште во две-три установи во државата, меѓутоа таа бројка сепак е мала според бројот на пациенти што добиваат мозочен удар кај нас. Тоа е така затоа што пациентите доаѓаат многу доцна, доаѓаат по неколку часа кога тие терапевтски прозорци веќе се пробиени и се апсолутна контраиндикација да се даде некаква специфична терапија, а дел е затоа што некои од пациентите, поради одредени тешкотии, не може да стигнат можеби навреме и пристигнуваат подоцна“, истакна д-р Божиновски.

Прегледани стотици граѓани, кај многумина откриени ризик-фактори

Во текот на годинашното одбележување на Светскиот ден на мозочниот удар, Клиниката за неврологија организирала поширока акција за подигнување на свеста и откривање на ризик-факторите. Активностите опфатиле повеќе центри во државата и се спроведувале во текот на неколку дена.

Теренски прегледи биле организирани и во Тетово, Штип, Охрид и Кочани.

Во акцијата што се одржала пред платото на плоштадот Македонија, биле прегледани 174 пациенти. Кај 39 проценти од нив биле утврдени ризик-фактори, меѓу кои покачен крвен притисок, зголемено ниво на шеќер во крвта и покачени маснотии.

Дополнителна можност за здравствени проверки имало и вчера, кога на Клиниката за неврологија бил организиран отворен ден. Граѓаните можеле бесплатно да направат доплер-преглед на каротидните артерии, кои ја снабдуваат мозочната циркулација со крв.

Меѓу прегледаните бил и 74-годишен пациент кај кого била откриена високостепена стеноза на двете каротидни артерии. По дијагностиката, пациентот веднаш бил примен за дополнителни испитувања и процена на можниот понатамошен третман.

Според Божиновски, станувало збор за пациент без изразени симптоми, но со висок ризик од мозочен удар, кој можел да има фатални последици.

Вкупно 160 пациенти биле прегледани во текот на вчерашниот отворен ден, а кај 40 проценти од нив бил откриен значаен медицински наод. Од нив биле земени контакт-податоци, а следната недела треба да бидат повикувани на Клиниката за дополнителни испитувања.

Божиновски нагласи дека Македонија не заостанува многу зад европските и светските колеги, но дека останува потребата од подобрување на здравствениот систем, особено во поглед на обезбедувањето еднаков пристап до здравствена заштита за пациентите, без оглед на регионот во кој живеат.

Клековски: Македонија има двојно поголема предвремена смртност

На одбележувањето на Светскиот ден на мозочниот удар присуствуваше и министерот за здравство Сашо Клековски. Тој истакна дека подобрувањето на здравствената заштита, од превенцијата до највисоките нивоа на лекување, може да придонесе за продолжување на животниот век на граѓаните.

Според него, кардиоваскуларните и цереброваскуларните заболувања, односно срцевите и мозочните удари, се меѓу главните причини за предвремено скратување на животот.

Клековски посочи дека Македонија, како и другите земји од Западен Балкан, има двојно повисока предвремена смртност. Под овој поим се подразбираат смртните случаи кај луѓето на возраст меѓу 30 и 70 години, при што срцевите и мозочните удари се едни од главните фактори.

Министерот нагласи дека превенцијата и лекувањето на мозочниот удар се сложени процеси, бидејќи времето за реакција е ограничено, а за успешен третман се потребни брза дијагностика и можност за итно спроведување соодветна терапија.

„Превенцијата и третманот на мозочниот удар е релативно комплицирана операција бидејќи времето за реагирање е од еден до четири часа максимум. Тоа бара активна радиодијагностика и можност за терапија веднаш. Оваа акција за свесноста и за превенцијата е само еден чекор и се надеваме дека многу брзо ќе седнеме со Клиниката како лидер во таа област, да ги направиме патеките на движење на луѓето со мозочен удар за да спасиме што повеќе животи и да намалиме што повеќе инвалидност“, рече Клековски.

Тој додаде дека мозочните удари се и една од водечките причини за инвалидност, поради што, како што истакна, е неопходно поголемо внимание да се посвети на превенцијата и на навременото лекување.

Најавени активности и за други невролошки заболувања

Клековски ја поздрави работата на Клиниката за неврологија, нагласувајќи дека со добра организација, посветеност и напор може да се постигнат подобрувања и во рамките на постојните финансиски можности.

Тој ја истакна и децентрализацијата на терапијата за мултиплекс склероза, која веќе започнала во ГОБ „8 Септември“ и во болниците во Охрид и Штип. Во тек се и активности за вклучување на здравствените установи во Тетово, Прилеп и Струмица.

Министерот најави дека најверојатно следната недела ќе присуствува на настан на кој ќе биде претставен одреден напредок во третманот на Паркинсоновата и Алцхајмеровата болест, преку соработка со Клиничкиот центар во Љубљана.

Во рамките на одбележувањето на Светскиот ден на мозочниот удар, на Медицинскиот факултет се одржаа и стручни предавања посветени на новостите во лекувањето на оваа болест и на можностите што им се достапни на пациентите во земјава.

Лекарите упатија порака дека навременото препознавање на ризиците, редовните здравствени контроли и брзото пристигнување во болница при сомнеж за мозочен удар се важни за подобрување на шансите за лекување и намалување на последиците.

Најнови вести