Утрово во средно училиште во Загреб се случил напад со остар предмет, при што се повредени ученик и вработена во училиштето. Осомничен за нападот е друг ученик, кој по инцидентот бил приведен од полицијата.
Според хрватските медиуми, нападот се случил нешто по 8 часот во училиште во населбата Волтино, а ученикот кој го извршил нападот наводно носел „фантомка“ на главата.
Полицијата потврдила дека ученик со остар предмет повредил друг ученик и вработена во училиштето, по што на местото пристигнале екипи на Итната медицинска помош.
Двете повредени лица биле пренесени во болница. Кај ученикот биле констатирани подлабоки убодни рани, поради што била индицирана операција.
Повредената вработена, која според медиумите работи како чистачка во училиштето, била подложена на дополнителни прегледи поради повеќекратни површински убодни рани.
Според информациите објавени од хрватското Министерство за здравство, двете повредени лица се во стабилна состојба.
Од Министерството им посакале брзо закрепнување на повредените и им се заблагодариле на здравствените работници и итните служби за брзата интервенција.







