Трагедија се случила во морскиот предел кај Лејдис Мајл во Лимасол, Кипар, каде што 27-годишен маж го загубил животот откако скокнал во морето во обид да го извади својот мобилен телефон.
Несреќата се случила на 15 август, а дополнителни детали биле објавени по извршената обдукција, која потврдила дека причината за смртта е давење.
Според информациите од британските бази на Кипар, 27-годишниот маж од Египет се наоѓал на катамаран кој пловел во близина на плажата Лејдис Мајл.
Во еден момент телефонот му паднал во морето, по што тој скокнал во водата обидувајќи се да го пронајде. По него скокнал и 27-годишен маж од Јордан.
Набргу двајцата биле забележани без свест во водата. Присутните на пловилото веднаш ги извлекле и почнале да им укажуваат прва помош.
Мажот од Јордан успеал да се освести и преживеал, но за 27-годишниот Египќанец немало спас.
Полицијата на британските бази продолжува да ги истражува сите околности под кои се случила трагедијата.









