Жител на Велес е приведен откако, според пријава на неговата мајка, физички ја нападнал во семејниот дом, а потоа продолжил со агресивно однесување и откако таа успеала да избега.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека полициски службеници од СВР Велес вчера околу 15:20 часот го лишиле од слобода Т.Р. (38) од Велес, по претходна пријава од неговата 62-годишна мајка.
Според пријавеното, мажот ја нападнал мајка си во нивниот семеен дом, при што ѝ го скршил мобилниот телефон. Жената успеала да излезе од домот, но според нејзините тврдења, тој продолжил со насилното однесување и фрлал тврди предмети кон неа.
При полициската интервенција било утврдено дека 38-годишниот велешанец бил под дејство на алкохол. При проверката било измерено присуство од 1,54 промили алкохол во крвта.
Осомничениот бил задржан во полициска станица, а за случајот бил известен и јавен обвинител.
Од МВР посочуваат дека по целосното документирање на настанот против лицето ќе биде поднесена соодветна пријава, а надлежните ќе продолжат со постапување за расчистување на сите околности околу случајот.






