ПРВ.мк
Црна Хроника

ХОРОР ВО МАКЕДОНИЈА: Ѝ се заканувал дека ќе ја убие ако не го смени исказот за семејното насилство!

ХОРОР ВО МАКЕДОНИЈА: Ѝ се заканувал дека ќе ја убие ако не го смени исказот за семејното насилство!

Основното јавно обвинителство Тетово поведе постапка против 50-годишен жител на Тетово, кој е осомничен за кривичното дело „загрозување на сигурноста“, откако, според сомнежите, со смртни закани се обидувал да ја принуди сопругата да го промени исказот што го дала во постапка за претходно пријавено семејно насилство.

Поради сериозноста на случајот, јавниот обвинител до надлежниот суд доставил и предлог за определување мерка притвор за осомничениот.

Според досегашната истрага, на 20 јули, непосредно пред жената да даде исказ во обвинителството во врска со претходна пријава за семејно насилство, осомничениот се обидел да изврши притисок врз неа.

Тој барал од сопругата да изјави дека претходниот инцидент никогаш не се случил, дека меѓу нив нема проблеми и дека повторно живеат заедно во нормални семејни односи.

Откако дознал дека таа останала на својот првичен исказ, според обвинителството, телефонски ѝ се заканил дека ќе ја убие. Поради страв за сопствената безбедност, жената не се вратила во семејниот дом.

Осомничениот потоа се појавил и на нејзиното работно место, каде што, во присуство на нејзиниот претпоставен, викал дека таа не смее да работи таму и повторно се заканувал дека ќе ја убие доколку ја пронајде.

Заканите продолжиле и пред родителите на оштетената, со што, според обвинителството, кај неа било предизвикано силно чувство на страв, несигурност и загрозеност.

Обвинителството продолжува со постапката, додека судот треба да одлучи по предлогот за определување мерка притвор за осомничениот.