Двајца мажи се здобиле со тешки телесни повреди од остар предмет при обид да спречат физичка пресметка во казино во Тетово.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, ноќеска во 01:45 часот Клиничката болница во Тетово ја известила полицијата дека кај нив биле донесени двајца тешко повредени мажи.
Станува збор за Ј.Р. (48) од Брвеница и С.Т. (50) од Сараќино, кои, според пријавата, биле повредени додека се обидувале да разделат лица што учествувале во тепачка во казиното.
Во физичката пресметка учествувале В.А. (44) од Џепчиште и А.И. (33) од Требош, кој бил во друштво на С.И. (26) и Ш.С. (26), исто така од Требош.
Поради сериозноста на повредите, 48-годишниот Ј.Р. бил итно префрлен во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје, додека 50-годишниот С.Т. бил задржан на лекување во тетовската болница.
Во врска со случајот, полицијата во 03:45 часот го лишила од слобода Ф.Х. (34) од Требош, вработен во казиното, поради сомнение за помагање при извршување кривично дело „насилство“.
Слобода му е одземена и на В.А., кој поради влошена здравствена состојба останал под полициски надзор во Клиничката болница во Тетово.
Дополнително, во 08:50 часот, А.И., С.И. и Ш.С. самите се пријавиле во Полициската станица Тетово, по што биле задржани за понатамошна постапка.
Полицијата презема мерки за целосно расчистување на настанот, а по документирањето на случајот ќе следуваат соодветни пријави.









