По веста дека почина легендарниот македонски актер Гоце Тодоровски, неговата ќерка Сашенка Тодоровска се обрати до јавноста со емотивна објава на социјалните мрежи, во која сподели и информации за погребот на својот татко.
Во својата порака, Сашенка со трогателни зборови се прости од човекот кој остави неизбришлива трага во македонската култура и театар, истакнувајќи дека до самиот крај останал достоинствен и беспрекорен.
„Беспрекорен до последниот здив, како што само ти умееше. Замина во легендите, а мене ми остави да ја носам тежината на оваа празнина што гори.
Утре во Бутел ќе го даваме последното збогум: капела во 13.00 и погреб во 14.00 часот.
Нека ти е светол небесниот пат, татко мој, таму каде што болката повеќе не постои“, напиша таа.
Според информациите што ги објави, последното испраќање на Гоце Тодоровски ќе се одржи утре на гробиштата Бутел. Капелата е закажана за 13 часот, додека погребната церемонија ќе започне во 14 часот.
Со неговото заминување, Македонија загуби еден од своите најпочитувани и најомилени актери, човек чии улоги, харизма и придонес кон македонската сцена ќе останат запаметени од многу генерации. Тажната вест предизвика бројни реакции од колеги, пријатели и граѓани, кои се простуваат од легендата со зборови на почит и благодарност за сè што остави зад себе.







