Британска болница призна сериозни пропусти во лекувањето на мајка на три деца, чиј живот можел да биде спасен доколку лекарите навреме ја откриле нејзината болест. Кери Пју, од Шрусбери, починала од рак на грлото на матката на 48-годишна возраст, иако, според признанието на здравствената установа, со навремена дијагноза таа имала целосни шанси за излекување.
Кери со години имала алармантни симптоми, меѓу кои и крварења, поради што направила рутински ПАП-тест. И покрај тоа што тестот покажал абнормални клеточни промени, таа била известена дека резултатите се „нормални“ и не била упатена на понатамошни испитувања.
Речиси година и пол подоцна, нејзината состојба драстично се влошила – се појавиле силни болки и нередовни крварења. Дополнителните тестови откриле застрашувачка вистина: рак во четврта фаза и масивен тумор со големина на сапун, кој веќе не можел хируршки да се отстрани.
Иако Кери поминала низ тешка терапија со зрачење и хемотерапија и морала да добие стома, лекувањето било предоцна. Таа починала во јуни 2022 година, оставајќи зад себе сопруг и три деца.
По нејзината смрт, сопругот покренал правна постапка против NHS. Болницата сега официјално признава дека доколку ракот бил дијагностициран уште во 2018 година, болеста била во почетна фаза и ќе била излечива со хистеректомија.
Семејството очекува обештетување, но, како што велат, ниту една сума не може да ја врати загубената мајка.

















