Во Саудиска Арабија почина маж за кого семејството и локалните медиуми тврдат дека бил роден уште во 1884 година, со што, наводно, живеел во три различни века.
Како што пренесуваат саудиските и други арапски медиуми, Насер бин Радан Ал Рашид Ал Вадаеи починал во Ријад на 8 јануари (според некои извори на 11 јануари), а во моментот на смртта наводно имал 142 години. Според тврдењата на неговото семејство, тој е роден кон крајот на 19 век, во областа Дахран Ал Јануб, многу пред официјалното формирање на модерната саудиска држава во 1932 година.
Доколку овие податоци се точни, Ал Вадаеи бил сведок на неколку историски епохи и владеењето на повеќе саудиски монарси – од основачот на државата, кралот Абдулазиз (Ибн Сауд), па сè до актуелниот крал Салман.
Меѓу локалното население бил познат како исклучително побожен и општествено активен човек. Медиумите наведуваат дека повеќе од 40 пати го извршил хадџот, поради што уживал голема почит, а бил познат и како посредник во решавање спорови и помирување меѓу луѓето.
Семејството тврди дека до последните денови бил во добра физичка и ментална состојба и останал активен во заедницата. Според неофицијални информации, последен пат се оженил кога имал околу 110 години, а подоцна добил и ќерка. Се наведува дека зад себе оставил најмалку 134 деца и внуци.
На погребот, според медиумите, присуствувале повеќе од 7.000 луѓе, а тој бил погребан во своето родно село Ал Рашид.
Научната заедница, сепак, смета дека максималната човечка долговечност најверојатно се движи меѓу 120 и 125 години. Иако постојат бројни тврдења за луѓе кои живееле над 140 години, за ниту еден од тие случаи не постојат целосно проверливи документи.
Најдолго живеечка потврдена личност во историјата е Французинката Жан Калман, која почина во 1997 година на возраст од 122 години и 164 дена. Во моментов, официјално најстара жива личност е Англичанката Етел Катерхам, родена на 21 август 1909 година, со над 116 години, додека најстариот жив маж со потврдена возраст е Бразилецот Жоао Мариньо Нето, роден во 1912 година, кој има повеќе од 113 години.

















