Поранешниот бразилски фудбалер Бизмарк Винисиус (37) е убиен во вооружен напад во неговиот роден град Натал, во Бразил.
Според информациите од бразилските медиуми, трагедијата се случила во угостителски објект, каде што претходно дошло до расправија меѓу присутните.
Првичните резултати од полициската истрага укажуваат дека можен мотив за нападот била љубомората.
По расправијата, осомничениот го напуштил локалот, но набргу се вратил со пиштол и испукал неколку куршуми.
Винисиус бил тешко ранет и подоцна им подлегнал на повредите.
Во пукањето било повредено уште едно лице, кое се наоѓа под лекарски надзор.
Бразилската полиција работи на идентификација и пронаоѓање на напаѓачот, додека истрагата треба да ги утврди сите околности на трагичниот настан.
Бизмарк Винисиус беше поранешен фудбалер на Форталеза, клуб во кој ја започна својата кариера.
Тој ги поминал младинските категории на клубот, а во сениорскиот состав забележал повеќе од 120 настапи во период од пет сезони.
Со Форталеза трипати последователно ја освоил титулата во првенството на сојузната држава Сеара.
Во текот на кариерата настапувал за повеќе бразилски клубови, меѓу кои Гуарани и Кампиненсе.
Со Гуарани ја освоил титулата во бразилската Серија Д во 2010 година, додека со Кампиненсе во 2013 година го освоил трофејот во Купот на Североистокот.
Неговата смрт предизвика тага во бразилските фудбалски кругови.






