Агенцијата за национална безбедност (АНБ), во координација со Министерството за внатрешни работи и Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, на 28 септември спровела акција во Скопје во која биле приведени пет лица.
Според соопштението на АНБ, претреси биле извршени на повеќе локации, меѓу кои во Сингелиќ, Чаир и Брест.
При претресите биле пронајдени и одземени пиштоли, автоматски пушки, муниција, тактички елеци и друга опрема. АНБ соопшти дека биле пронајдени и пропагандни материјали поврзани со терористичката организација „Исламска држава“, компјутерска опрема за „копање“ криптовалути и документација.
Петте лица се осомничени за кривични дела поврзани со тероризам, како и за недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи.
Според АНБ, станува збор за групација за која постојат сомневања дека е поврзана со транснационални криминални организации и со активности како насилство, изнуда, киднапирање, лихварство и недозволена трговија со дрога и оружје.
Агенцијата наведува дека кај дел од членовите бил идентификуван радикален верски елемент и идеолошка поврзаност со радикални проповедници кои, според АНБ, поддржуваат ставови на меѓународни терористички организации. Дополнително, се тврди дека дел од приведените биле во блиски контакти со странски терористички борци од Северна Македонија и регионот.
Како еден од начините на дејствување, АНБ посочува и наводно индоктринирање млади лица преку верски објекти и онлајн радикализација, по што тие биле насочувани кон криминални активности.
Постапката на надлежните институции продолжува.








