Приведен е 51-годишен жител на прилепското село Црнилиште, Општина Долнени, поради сомнение за предизвикување општа опасност, откако на социјалната мрежа „Фејсбук“ се појави видео со испукување огнено оружје. Министерството за внатрешни работи информира дека се трага и по неговиот син, кој исто така се поврзува со инцидентот.

При претрес во неговиот дом, полициските службеници пронашле полуавтоматска ловна пушка, репетирачки карабин, полуавтоматски пиштол – сето со соодветни дозволи – како и 395 куршуми со различен калибар, 17 ловни патрони и ресивер поврзан со систем за видеонадзор.

„Оружјето и муницијата се привремено одземени, иако се поседувани со дозвола, поради сомнение за предизвикување општа опасност. Ќе следи постапка за евентуално трајно одземање на дозволите,“ велат од МВР.

Тој е приведен, а полицијата интензивно работи на пронаоѓање на неговиот син, кој, според информациите, се сомничи дека бил вклучен во инцидентот.
Истражните активности продолжуваат.