Роберт Божинов, еден од повредените во страшниот пожар што ја зафати дискотеката „Пулс“ во Кочани, во интервју за „Сапорт Кочани“ раскажа за настаните од таа трагична ноќ.
„Сè се случи многу брзо, пожарот се прошири за кратко време. Јас не успеав да излезам и останав затворен во дискотеката, но благодарение на брзата реакција на пожарникарите, еден од нив ме извлече и ме однесе во Општата болница во Кочани“, изјави Божинов.
Оттаму бил префрлен во болницата „8-ми септември“ во Скопје, а потоа продолжил на лекување во Шведска.
Тој се заблагодари на медицинските тимови од трите болници, кои како што вели, му помогнале да се опорави, но и на сите добри луѓе кои ја понудиле својата помош за време на оваа трагедија.
Според Божинов, пожарникарот кој го извлекол од зградата и го однел во болница, бил клучната личност во спасувањето на неговиот живот.