Според интерен извештај цитиран од германските медиуми, тешкото вооружување што Германија ѝ го испрати на Украина често се покажува како неупотребливо во борбени услови и подложно на технички дефекти, пренесуваат и австриските агенции.
Во документот подготвен од Бундесверот и германското Министерство за надворешни работи се наведува дека самоодната хаубица „Панцерхаубице 2000“ е „технички премногу чувствителна“, што често ја доведува во прашање нејзината реална борбена употреба. Иако се смета за прецизно оружје, хаубицата се соочува со чести дефекти поради софтверски проблеми и прегревање на цевката.
Критики има и за тенковите „Leopard I“ и „Leopard II“. Се укажува на комплицирано одржување и, особено кај „Leopard I“, слаба оклопна заштита. За „Leopard II“ се истакнува дека не може да се сервисира на самата борбена линија, туку мора да се врати назад во базата. Овие информации произлегуваат од повратни искуства што украинската армија му ги доставила на германското воено аташе во Киев.
Дури и широко фалениот систем за противвоздушна одбрана „Iris“ не е поштеден од критики. Иако напреден, оценет е како „прескап“, слично како и американскиот систем „Patriot“, кој Германија исто така ѝ го испорача на Украина. Во извештајот се вели дека „Patriot“ е одличен систем, но возилата на кои е монтиран се премногу стари и резервни делови за нив се тешко достапни.
Германското воено аташе заклучува дека тешката артилерија која Германија ја обезбедила е „условно подготвена за секојдневна борбена употреба“. „Користа од оружјето е сомнителна ако војниците не можат да го одржуваат на теренот“, стои во извештајот.
Германското Министерство за одбрана одбило да ги коментира овие наводи, но нагласило дека е во „постојана размена на информации со украинската страна“.
Анонимни извори во Бундесверот сметаат дека украинската армија, поради големата разновидност на оружје добиено од западните партнери, е принудена често да импровизира. Дополнително, германските воени експерти посочуваат дека испораката на резервни делови е забавена поради комплицираната германска бирократија за извоз на воена опрема.