По појавата на сомневање за опасен хантавирус на холандски крузер кој плови од Канарските Острови, Франција побара засилена и побрза координација меѓу здравствените служби на земјите од Европската Унија и Шенген зоната.
Станува збор за бродот „ХМ Хондиус“, на кој веќе се регистрирани повеќе случаи на инфекција. Досега се потврдени девет заболени лица и три смртни случаи, што предизвика итни реакции од европските здравствени власти.
Пет француски државјани беа евакуирани и пренесени во болницата Биша во Париз, каде се ставени во строга изолација. Според министерката за здравство Стефани Рист, четири од нив се негативни на тестирањето, додека една жена е позитивна и моментално се наоѓа на интензивна нега, иако нејзината состојба е стабилизирана.
Францускиот премиер Себастијан Лекорну повика на итно зајакнување на меѓународната соработка и секојдневна координација со здравствените институции од други европски држави, со цел да се спречи понатамошно ширење на вирусот. Властите најавија и засилени состаноци, дури двапати дневно, со експерти за заразни болести.
Од Светска здравствена организација порачаа дека нема простор за паника, нагласувајќи дека ризикот од ширење е низок и дека ситуацијата не е споредлива со пандемијата на Ковид-19.
Бродот „Хондиус“, кој тргнал од Ушуаја во Аргентина на 1 април, останува под строг надзор додека траат истрагите и медицинските проверки.
Случајот предизвикува зголемено внимание во европските здравствени кругови, но официјалните институции засега уверуваат дека ситуацијата е под контрола.






