Епидемијата на стомачни заболувања во Гостивар продолжува да ја загрижува јавноста. Во изминатите седум дена, повеќе од 3.000 граѓани побарале медицинска помош поради симптоми како дијареја, повраќање и стомачни болки.
Според министерот за здравство Сашо Клековски, клиничката слика кај пациентите останува непроменета, а најчесто се јавуваат гастроинтестинални симптоми, додека покачена температура и треска се регистрираат поретко. Во моментов, четири лица, меѓу кои и едно дете, се хоспитализирани во Гостивар, а еден пациент е згрижен на Клиниката за инфективни болести во Скопје.
Здравствените власти продолжуваат со епидемиолошките истражувања за да се утврди точната причина за појавата на заразата и ги повикуваат граѓаните да соработуваат со надлежните институции.
Во меѓувреме, останува во сила целосната забрана за користење на водата од градскиот водовод. Надлежните препорачуваат таа да не се користи за пиење, подготовка на храна, ниту за лична хигиена, вклучително и за миење заби, сè додека забраната не биде официјално укината.
За да се обезбеди вода за жителите, институциите продолжуваат со дистрибуција на флаширана вода, а доколку има потреба ќе бидат ангажирани и цистерни.
Центарот за јавно здравје од Тетово вчера официјално прогласи епидемија на заразна болест во Гостивар поради наглиот пораст на лица со стомачни тегоби, додека истрагата за причините сè уште е во тек.









