Четири лица се лишени од слобода во последните 24 часа, откако полицијата регистрирала дури седум одделни случаи на семејно насилство и закани на повеќе локации низ државата. Случаите вклучуваат физички напади, психичко малтретирање и сериозни закани кон членови на семејства.
Во Охрид, С.К. бил пријавен откако во семејниот дом агресивно се однесувал кон својата мајка, по што интервенирала полицијата.
Во Скопје, 36-годишен маж се најде во пријава откако наводно упатувал закани кон сопругата, нејзиниот партнер и нивните семејства, а според наводите, подолг период објавувал и компромитирачки содржини на социјални мрежи.
Во друг случај во главниот град, полицијата привела Ф.А. (43), кој е осомничен дека во семејниот дом физички ја нападнал својата 21-годишна ќерка и упатувал закани кон неа и нејзиниот партнер.
Во Гостивар, О.Б. (44) е приведен по пријава дека по расправија се заканувал на сопругата и се обидел да ја нападне, а малолетната ќерка спречила поголем инцидент. Полицијата наведува дека подолг период постоело психичко малтретирање.
Во уште еден случај во гостиварско село, 70-годишна жена пријавила дека нејзиниот син упатувал закани кон неа и братот поради имотни спорови.
Во Македонска Каменица, С.М. (45) од Виница е приведен по пријава дека подолг период психички и физички го малтретирал својот брат и татко, вклучително и упатување закани.
Во Кочани, Г.Ф. (55) е лишен од слобода по пријава од сопругата дека ѝ упатувал закани, но и дека психичкото насилство траело со години.
Од полицијата информираат дека сите случаи се документираат и по целосно расчистување ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.







